Ракометниот клуб „Металург“ и Bauerfeind во хуманитарна акција
Металург, моментално најголемиот спортски клупски бренд на нашата земја, чуствувајки потреба и должност да помогне и да го олесни животот на нашите деца кои имаат судбина поинаква од другите, реализира два хуманитарни проекти кои својата завршница ја добија на полувремето од средбата Металург - Констанца.
Како што е познато, целокупниот приход од средбата Металург - Црвена Звезда беше наменет за децата без родители од здружението “Градиме Иднина“. За нивни потреби, од собраните средства се набавени топки за фудбал, кошарка и одбојка, мрежи за кошеви, тениски рекети и топчиња, шаховски табли и друга спортска опрема. Нашата донација, од името на здружението, ја прими г-нот Илија Јовановиќ, претседател на здружението.
Вториот проект е реализиран со средствата собрани од натпреварот Металург - Загреб, а наменети за децата со посебни потреби од здружението “Дајте ни Крилја“.Овој проект Металург го реализира во соработка со Bauerfeind, водечка германска фирма за производство на специјална заштитна и помошна опрема, и при тоа е набавена специјална опрема која децата ја користат при вежбање во базен, вежби со кои раководи Наташа Мешковска. Донацијата ја прими г-ѓа Ребека Јанковска Ристески.
Металург ќе продолжи со своите хуманитарни проекти и при тоа ќе соработува и со други слични здруженија.
„Дајте ни крилја“ и Металург ја користат оваа прилика за да им се заблагодарат на сите хумани луѓе кои купувајки влезници, овозможија да се реализираат овие проекти и допринесоа нашите деца да имаат барем малку посреќни денови.