Почитувани родители, Почитувани Пријатели, Донатори, Драги наши дечиња.
Здружението Дајте ни Крилја со жалење констатира дека нашите деца со посебни потреби не преставуваат приоритет за системот кој сите го градиме, финансираме и живееме. Одлуката за вработување на 294 психолози и педагози по училиштата низ Р Македонија, громогласно ќе ја поздравевме доколку некој се сетеше на нашите маки и во нив предвидеше вработувања на специјални едукатори кои ќе им помогнеа на нашите деца да бидат еднакви како и другите, впрочем нели сите еднакви се раѓаме а образованието е задолжително во нашата земја?! Почитувани Министри, Вие кои ја кроите нашата судбина. Во 2011 година Македонија ја ратификуваше УН конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби, а ние ќе ве потсетиме и за законот кој го донесовте односно на членовите кои обврзуваат на инклузија на децата со посебни потреби во рамките на образовниот систем .
Член 10
(3) Основното образование за учениците со посебни образовни потреби се организира и остварува во посебни основни училишта и во посебни паралелки при редовните основни училишта.
член 51
Рродителот има право детето со посебни образовни потреби да го запише во основно училиште, освен во случаи кога посебните образовни потреби се такви што тоа треба да следи настава во посебно основно училиште.
Член 30
(1) Наставниот план и програми за основно образование на ученици со посебни образовни потреби во посебните училишта и посебните паралелки во основните училишта ги утврдува министерот, на предлог на Бирото.
(2) За учениците со посебни образовни потреби задолжителните и изборните предмети се реализираат со прилагодените програми според нивните посебни образовни потреби.
Член 41
(10) Бројот на учениците со посебни образовни потреби во паралелка го утврдува министерот.
Член 42
(9) Во паралелките во кои има ученици со посебни образовни потреби може да се ангажира и дефектолог за работа со учениците со посебни образовни потреби.
Член 61
(2) Учениците со посебни образовни потреби имаат право на бесплатен превоз без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење до основното училиште.
Член 172
(1) Глоба во износ од 2500-3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното училиште, ако:
-во основното училиште се врши дискриминација (член 2 став (2))
-задолжителните и изборните предмети за учениците со посебни образовни потреби се реализираат спротивно од членот 30 став (2) од овој закон.
Од донесениот закон на терен има само сопствени интерпретации, а нашите поплаки за жал никој не ги регистрира. Нашиот револт е јасен кога секое без исклучок СЕКОЕ училиште го крши членот 30 од законот бидејќи нема соодветни стручни лица кои ќе ги прилагодуваат наставните програми. Стручните специјални терапевти треба да бидат дел од секое училиште со цел да овие деца да не бидат само транзиторни ликови низ образовниот систем туку и навистина да се описменат а со тоа да станат и активни членови на нашето општество.
Сакаме да укажеме дека секојдневно добиваме поплаки од родители чии деца не се примаат во училиштата под изговор дека немаат вработени специјални едукатори дефектолози и логопеди или се условуваат самите да најмат специјален едукатор како придружба и сето тоа на грбот на родителите.
Се надеваме дека во освежувањето со кадри во образованието ќе се сетите и на нашите деца кои изгубени по лавиринтите на системот го губат драгоценото време за свој индивидуален напредок.
Share on Facebook