02.04.2011
Говор на Ребека Јанковска Ристески по повод денот на Аутизмот 2ри Април
Почитувани,
Пред вас стојам и како родител на дете со ретка болест, но и како активен чинител во борбата за подобра иднина на сите деца со посебни потреби, а не само на оние кои се аутистични.
За сите нас, родители на дечиња со посебни потреби, ни е јасен патот по кој ние и нашите деца ќе чекориме, но денес овде сме собрани да ја подсетиме заедницата да ги отвори прегратките и за нашите дечиња, а не само немо да одмавнуваме со главата кога ќе се појави пред нас такво детенце.
За поголемиот дел од болестите и синдромите кои условуваат попреченост во развојот, за жал се уште не постои така наречен златен стандард за лекување, односно суверена терапевтска метода, иако медицината напредува со се поголемо темпо. До пред една деценија мислевме дека еднаш оштетено нервно ткиво веќе не се регенерира, мислевме дека синаптогенезата во најголема мерка завршува во предшколската возраст и мислевме дека менталната ретардација е дефинитиве неповратлив процесс.
Знам дека најголемиот дел од родителите овде присутни се во секојдневна борба и потрага по нов лек, нов третман. Надежта е секој ден се поголема, но мораме да се свртиме и кон оние родители кои изгубиле надеж за подобро утре на своите деца. Можеме да им ја вратиме надежта со малку топлина и споделување на искуства и сознанија. Можеме да ги интегрираме сите наши здруженија со ист императиве со поголемите, поискусните национални и интернационални здруженија, а така и сознанијата стигнуваат побрзо, искуствата се разменуваат поинтензивно, а можеме и активно да учествуваме во собирањето на фондови за клинички испитувања.
Сакам да ја подсетам заедницата, вас луѓе, да ја зголемите својата социјална солидарност овозможувајќи инклузија на овие деца во образованието. Апелирам до институциите на системот и фирмите да ја зголемат својата социјална одговорност, а не само да се користат одредени, за жал ретки излети на нивната социјална одговорност за нивни маркетинг.
Кога одделни души тргнуваат по својот пат без размислување или грижа за остатокот од светот, тогаш доаѓа до несогласување и хаос. Кога твоето срце чука и ти работиш за доброто на сите нас кои сме различни, посебни, може да се случи единствено најдоброто.
Ви благодарам со надеж дека идната година, истиот овој ден ќе можеме да споделиме поубави искуства.
Дајте ни крилја!